Од 12 до 15 август, Струга повторно ќе биде центарот на македонскиот ракомет. На отвореното игралиште „Горан Попоски – Бабец“ ќе се одржи 54. издание на традиционалниот Меѓународен ракометен турнир „Струга“, најстариот ракометен турнир во Македонија.
На годинашното издание ќе настапат шест екипи – актуелниот шампион Вардар, бранителот на трофејот Охрид, Бутел Скопје, Прилеп, домаќинот Струга и српскиот претставник Дубочица од Лесковац. Турнирот и ова лето ќе понуди врвен ракомет, силни пресметки и одлична увертира пред почетокот на новата сезона.
Според ждрепката, во групата А ќе играат Вардар, Бутел Скопје и Прилеп, додека во групата Б се Струга, Охрид и Дубочица. По натпреварите во групната фаза ќе следуваат дуелите за конечниот пласман, а големото финале е закажано за 15 август.
Турнирот во Струга повеќе од пет децении претставува симбол на македонскиот ракомет и традиционално го означува почетокот на новата натпреварувачка сезона, привлекувајќи голем број љубители на спортот.




