Вардар официјално ја продолжи соработката со Гоце Георгиевски, откако стави потпис на нов договор и потврди дека кариерата ќе ја заврши во дресот на двократниот Европски првак.
Искусното десно крило, кое потекнува од РК Металург, зад себе има богата интернационална кариера, настапувајќи за Тулуз и Динамо Букурешт, а во сезоната 2020/21 се пресели во Вардар.
„Горди сме што Гоце ќе остане дел од Вардар и што токму тука ќе ѝ стави крај на својата блескава кариера. Веруваме дека заедно нè очекува уште поуспешна сезона“, – стои во изјавата на клубот.




