Македонските таеквондисти имаа успешен настап на силниот меѓународен турнир Австрија Опен Г1 во Инсбрук, каде што репрезентацијата се закити со два бронзени медали во сениорска конкуренција.
Во категоријата над 87 килограми, олимпискиот вицешампион Дејан Георгиевски сигурно маршираше до полуфиналето. Тој во осминафиналето го совлада Иван Трајковиќ од Словенија со 2–0 во рунди, а потоа со ист резултат беше подобар и од Патрик Дивковиќ. Во борбата за финале Георгиевски беше поразен со 0–2 од Аболфазл Абасипоуја, што му донесе бронзен медал.
До бронза стигна и Мила Релиќ во категоријата до 62 килограми. Таа забележа победи над Фатима Менди од Сенегал и Марија Леонова од Украина (обете со 2–0), а во четвртфиналето ја елиминираше Хелена Кичема од Хрватска со 2–1 во рунди. Во полуфиналето Релиќ загуби со 0–2 од Јулија Шпак и го заврши турнирот на третото место.
Освоените медали претставуваат значаен успех за македонското таеквондо и важни бодови за светската ранг-листа.




