Ракометната репрезентација на Македонија оствари тешка, но исклучително важна победа над Романија со 24-23 (13-9) во последниот натпревар од групната фаза на Европското првенство.
Избраниците на селекторот одиграа одлично прво полувреме и со цврста одбрана и ефикасен напад стекнаа предност од четири гола на паузата. Сепак, во продолжението следеше пад во играта, што Романија знаеше да го искористи и мечот го внесе во драматична завршница.
Во клучните моменти, Ненад Костески изнуди удар од седум метри, а Филип Кузмановски беше прецизен за минимално водство на Македонија. Романците во последниот напад, по добро нацртана акција на тајм-аут, успеаја да постигнат гол и да израмнат, но македонските ракометари не се предадоа. Со неколку секунди до крајот следеше брза контра, која Костески ја заврши со победнички погодок за големо славје.
Повторно најдобар поединец во македонскиот состав беше Филип Кузмановски со девет погодоци. Ненад Костески додаде четири, додека Марко Митев и Игор Ѓорѓиев натпреварот го завршија со по три гола.




