Македонија го заврши настапот на „Жолтиот Куп“ во Винтертур со освоено второ место, откако во последното коло одигра нерешено против домаќинот Швајцарија – 28-28. Иако македонските ракометари покажаа карактер и се вратија од негатива, подобрата гол-разлика им го донесе трофејот на Швајцарците.
Домаќините имаа силен старт и веќе на полувремето стекнаа предност од 18-13, што се покажа како клучен момент во битката за првото место. Во продолжението Македонија заигра поагресивно, ја консолидира одбраната и со серија добри напади успеа да избори реми во драматична завршница.
Со гол-разлика од плус 14, Швајцарија го освои првото место на турнирот, додека Македонија со плус 9 заврши втора. Украина, по победата над Бахреин, го зазеде третото место.
Настапот во Винтертур претставува корисна проверка за македонската селекција и добра основа за понатамошна подготовка и воигрување на тимот.




