Најмладите ракометари од пионерската конкуренција викендов ги играат реваншите од четвртфиналето, во борба за пласман на завршниот турнир – Фајнал Фор со најдобрите четири екипи. Натпреварите започнаа минатиот викенд со првите дуели, а сега на ред се одлучувачките пресметки.
Најголемо внимание привлекува дербито во Битола, каде што се сретнуваат екипите на Еурофарм Пелистер 2 и Школа за ракомет од Струга. Во првиот меч одигран во Струга, гостите од Битола славеа со тесен резултат од 9-8, оставајќи ги сите опции отворени пред реваншот. Очекувањата се дека и овој дуел ќе понуди голема борба и неизвесност.
Ф4 турнирот е закажан за следниот викенд, на 16 и 17 мај. Името на домаќинот и конечните двојки ќе бидат објавени дополнително по завршување на реваншите.




