Возбудувањата во плеј-офот од македонската ракометна Супер лига продолжуваат со второто коло, а вниманието е насочено кон Охрид, каде што домашниот ГРК Охрид ќе се соочи со РК Еурофарм Пелистер во дерби-дуелот на колото. Натпреварот ќе се игра во недела (6 април) со почеток во 18:00 часот во салата „Билјанини извори“. За судии на овој натпревар делегирани се Илиевски Михајло и Илиевски Методиа од Битола, додека делегат ќе биде Николовски Ацо.
Скопје домаќин на два натпревари
Покрај дербито во Охрид, второто коло носи уште два возбудливи натпревари во Скопје.
Првиот меч ќе се одигра во сабота (5 април) во салата „Јане Сандански“, каде што РК Бутел Скопје ќе го пречека тимот на РК Вардар 1961. Натпреварот е закажан за 18:00 часот, а за неговата регуларност ќе се грижат судиите Георгиевски Дејан и Георгиевски Димитар, додека делегат е Огњановски Марјан.
Вториот дуел во Скопје ќе биде помеѓу РК Алкалоид и ГРК Тиквеш 2014, закажан за недела (6 април) со почеток во 17:00 часот во салата „Автокоманда“. Овој натпревар ќе го судат Металари Исмаил и Николовски Ненад, а делегат ќе биде Камшиковски Драган.
Очекувањата се за возбудливи и неизвесни средби, со оглед на тоа што сите тимови се борат за што подобар пласман во завршницата од сезоната.




