Eкипата на Еурофарм Пелистер изминативе неколку години успешно работи на подмладување и доизградување на квалитетни млади македонски ракометари кои ќе бидат столбот во иднина не само на клубот туку и на ракометната репрезентација на Македонија. Покрај многуте македонски ракометари кои играат во првиот и вториот тим на Еурофарм Пелистер вниманието и големите очекувања на ракометната јавност го привлекуваат петмината најмлади, а тоа се тројцата стружани: Ненад Костески, Цветан Кузманоски и Емилијан Ѓорговски, како и браќата близнаци Павле и Петар Атанасијевиќ.
Цветан Кузманоски е најискусниот помеѓу овие петмина со само 22 години. Цветан игра на позицијата лево крило. Неколку години беше најдобар стрелец во тимот на РК Струга во суперлигата, од каде што замина во вториот тим на Еурофарм Пелистер каде што продолжи со одличните игри и се здоби со статусот на сениорски репрезентативец на Македонија.

Ненад Костески со само 20 години е еден од најголемите таленти во Македонија кој може да се пофали со настапи и во Лигата на Шампионите и Лигата на Европа. Ненад игра на позицијата десно крило. Потекнува од тимот на РК Струга, извесен период мина во тимот на Металург 2 од каде се врати во РК Струга пред да направи трансфер во големиот тим на РК Загреб. После една помината сезона во Хрватска тимот на РК Еурофарм Пелистер го откупи договорот на нашиот репрезентативец и го врати во Македонија. Костески ги помина сите младински селекции, а веќе има настапи и на две првенства во дресот на сениорската репрезентација.

Емилијан Ѓорговски (19 години) е третиот ракометар кој доаѓа од ракометна Струга. Емилијан игра на позицијата лев бек. Oд младинските категории на КЛ 7 во Струга преку проектот на Голден Арт КЛ7, големиот талент Емилијан годинава се сели во Еурофарм Пелистер 2. Емилијан покрај игрите во младинските категории има настапи и во сениорскиот состав на репрезентацијата на Македонија.
Браќата близнаци Петар и Павле Атанасијевиќ (18 години) во тимот на Еурофарм Пелистер 2 лани пристигнаа од тимот на РК Алушовски. За кратко време станаа миленици на битолската публика посебно после победата над шампионот Вардар. Павле Атанасијевиќ кој игра на позициите лев и среден бек е носител на играта на Еурофарм Пелистер 2. Неговиот брат Петар покрај на позицијата лев бек одлично се снаоѓа и на позицијата лево крило. И двајцата имаат настапи во младите категории на репрезентацијата на Македонија.
Овие петмина млади ракометари надополнети со поискусните треба да бидат основата и иднината не само на Еурофарм Пелистер туку и на сениорската репрезентација на Македонија.




