Еурофарм Пелистер го доби големото дерби против ГРК Охрид и ја запали трката за врвот во македонската ракометна Суперлига! Во „Боро Чурлевски“, битолчани славеа со 27-24, по пресврт во второто полувреме, откако Охрид на паузата имаше предност од 12-11.
Дербито донесе и спектакуларен дуел на двајца расположени стрелци. Филип Кузмановски го предводеше Еурофарм Пелистер со 11 гола, но на спротивната страна Доминик Мате беше подеднакво расположен и исто така запиша 11 погодоци!
Клучните моменти во завршницата му припаднаа на домашниот тим, а голманот Саид Хеидарирад со пет одбрани, речиси сите во финишот, помогна Еурофарм Пелистер да го задржи водството и да стигне до голем триумф.
Оваа победа има огромно значење за табелата – Пелистер и Охрид сега имаат по 19 бодови, па борбата за највисоките позиции станува сè понеизвесна.
Дербито го доби Еурофарм Пелистер, но трката за ракометниот трон во Македонија допрва ќе понуди спектакл!



