Речиси една деценија по премиерната изведба на „Макфест“ во 2016 година, песната „Љубовта е“ на Џина Папас Џокси добива нова музичка приказна. Песната е повторно обработена, со освежен звук, нова продукција и вокална интерпретација во која Џокси овојпат не настапува сам.
Во новото издание му се придружуваат неговите пријатели и колеги Мики Јовановски Џафер и Дарио Панковски, со кои формира вокално трио. За музичката реализација се погрижија Валентино Скендеровски од „Ентерпрајз продукција“ и Томче Бојаџиески од „ТФТ продукција“.
Промени има и во текстот, чиј автор е Огнен Неделковски. Новата верзија ги содржи и двете строфи што не се најдоа во оригиналното фестивалско издание, наводно поради ограничувањата поврзани со должината на песната. Така, „Љубовта е“ добива нов аранжман, дополнет текст и вокална соработка што ѝ отвора ново поглавје.
„Љубовта е…
“ Можеби ја паметите „Љубовта е“ од Макфест 2018. Приказната за неа почна многу порано, кога му ја отпеав на Мики Јовановски Џафер кај нас дома и му предложив заедно да ја пријавиме на нашиот избор за Евровизија. Таа идеја тогаш остана нереализирана. Денес, по повеќе од две децении, ми е особено драго што песната ја пеам со Мики и Дарио.
Кога ја пишував музиката за „Љубовта е“, појдов од тоа како Огнен Неделковски ги реди сликите во текстот. Истите два збора, „Љубовта е“, нè враќаат на почетокот, а секојпат по нив доаѓа нешто неочекувано. Од „добитен тикет“ до „слатка лага“, па сè до „земја наша“. Сакав мелодијата да ги поврзе тие слики, а на зборовите да им остави простор да го сменат расположението. Така, истото „Љубовта е“ еднаш го слушаш со насмевка, а другпат ти звучи горчливо, зависно од тоа што доаѓа по него.
Затоа ми беше важно во новата верзија да ги вратиме двете строфи што ги изоставивме за Макфест. Со нив повторно се слуша целиот пат што го минува песната, од првите разиграни слики до последната, „земја наша“.
„Љубовта е“ од моја соло изведба стана песна за три гласа.
Мики и Дарио, секој на свој начин, ги прочитаа стиховите што дотогаш ги пеев сам. Кај Мики ме радува онаа негова препознатлива рапавост, со која и наједноставниот стих добива тежина. Кај Дарио ми се допаѓа колку природно ја пренесува мислата, како да ти ја кажува во разговор. Со нив повторно ги слушнав зборовите на Огнен и открив нијанси што дотогаш ми бегале. Токму тоа ми беше мерак во оваа соработка.
Со Валентино и Томче Бојаџиески работевме на тоа секој глас да си го задржи својот карактер, а сите тројца да звучиме како дел од истата песна. Со мерак ви го споделувам и видеото.
Ви благодарам што ја слушате песната. А трите точки во насловот ви ги оставам вам. Како би ја довршиле реченицата „Љубовта е …“? ❤️




