Откако беше релегиран во петтата лига за првпат после еден век, Саутенд реши решително да цели кон враќање назад во Лиг 2.
Имено, популарните ,,Шримперс” го започнаа летниот преоден рок со многу новитети и со неколку засилувања.
Најпрвиот трансфер на Саутенд беше Џејмс Дан, кој во изминатите две сезони ги бранеше боите на Барнет.
Дан не е познат по своите голгетерски способности, но со својата игра во средниот ред и со своето професионално искуство може многу да придонесе за стабилноста на Саутенд.
Англичанецот потекнува од школата на Арсенал, но никогаш го нема облечено црвениот дрес. Сепак, дел од својата кариера помина во ЕФЛ како член на: Ексетер, Стивениџ, Портсмут, Кембриџ Јунајтед и Свиндон.
Веднаш после Дан беше претставен и дефанзивецот Џош Кулсон.
Кулсон е локална легенда во својот роден град Кембриџ бидејќи го носеше дресот на Кембриџ Јунајтед цели единаесет години, односно одигра 273 средби.
Сепак, од 2017 до 2021, 32-годишниот стопер настапуваше за Лејтон Ориент, најпрво како позајмен, а потоа и како откупен играч.
Третото засилување, кое пристигна во редовите на новиот петтолигаш е 30-годишниот Ирец – Рајс Марфи.
Марфи е познат по своите бројни селидби низ островот, но во изминатите две сезони ја пронајде својата животна форма.
Во дресот на Јеовил, на вкупно шеесет лигашки натпревари, Марфи се запиша во листата на стрелците дури триесет пати.
Уште еден фудбалер, кој се врати во Саутенд после три години е домашниот играч Џек Бриџ.
По барање на тренерот Фил Браун, Бриџ потпиша едногодишен договор, откако претходно ги напушти редовите на Бромли.