На осум кола пред крајот на минатата премиерлигашка сезона, Барнли го отпушти тренерот Шон Дајш после девет и пол години.
Како привремено решение беше доведен Мајк Џексон, кој не успеа да ги задржи популарните ,,Кларетс” во Премиер лигата.
Во новата сезона, Барнли ќе атакува на директна промоција назад во елитата на чело со нов тренер.
Имено, на кормилото на клубот од Ленкашир ќе застане поранешниот капитен на Манчестер Сити и белгиски репрезентативец – Винсент Компани.
По заминувањето од Англија во 2019, Компани се пресели во Андерлехт, каде што првата сезона беше тренер-играч, а наредните две ги помина само како менаџер.
Под негово водство и покрај финансиските потешкотии, клубот од Брисел оствари 42 победи, 32 ремија и 18 порази на вкупно 92 средби.