Поранешниот реномиран англиски фудбалски клуб Вимблдон, во 2002 година беше преместен во градот Милтон Кинс, а во 2004 преименуван во МК Донс.
Нивниот историски стадион ,,Плаф Лејн” беше исто така срушен во 2002, откако беше продаден на нови сопственици.
Навивачите на Вимблдон не застанаа овде. Имено, во истата таа година, тие го формираа АФК Вимблдон – сегашниот англиски третолигаш, кој доживеа неверојатен прогрес во своето осумнаесетгодишно постоење. Популарните ,,Вамблс”, минатата година ја започнаа изградбата на својот нов стадион, кој го носи истото име како и претходниот, ,,Плаф Лејн” и се наоѓа на само двесте метри од поранешната локација.
Денес беше историски ден и за новата реинкарнација на Вимблдон бидејќи го одиграа својот прв меч на ,,старо-новиот” терен.
Гостин, во рамките на единаесеттото коло од Лиг 1, беше тимот на Донкастер Роверс, кој избори реми од 2-2 во дебитантскиот настап на ,,Плаф Лејн”.
За Вимблдон, двоен стрелец, кој двапати го однесе домаќинот во водство, беше Џоу Пигот (18′ и 83′), додека Роверс израмнија двапати преку Метју Смит (24′) и Џејмс Копингер (90+1′).
После денешната средба и двете екипи се наоѓаат на средината, заземајќи ги деветтата, односно единаесеттата позиција.