Репрезентативката на Македонија, Нена Трајчевска имаше седум успешни и трофејни години во ЖКК Бадел 1862 пред да започне да изгради интернационална кариера.
Нејзина прва станица во странство и беше српски Бор, од таму во германската Втора лига, каде што со тимот ја освои шампионската титула и се пласира во елитната лига на Германија.
По германската авантура, Трајчевска се пресели во Шведска во тимот на Содертаље каде што играше во Евро купот, натпреварување кое што е многу масовно, истата сезона во Шведска со екипата стигна до до полуфиналето во плејоф разигрувањето.
Во Турција македонската репрезентативка играше за Самсун, во лига која е екстра квалитетна и една од најдобрите во Европа. Македонската женска клупска кошарка од денеска е побогата за уште едно репрезентативно име.
Нена Трајчевска одново се враќа во својот дом и ќе игра за ЖКК Бадел 1862 каде што ќе го задолжи дресот со бројот 77. Пред неколку седмици кај „Жолто-сините“ се врати и уште една репрезентативка, Александра Стојановска, по што Бадел 1862 е веројатно и топ фаворит за освојување на домашните трофеи.
Трајчевска во интервју го кажа следново:
„Се чуствувам одлично и мотивирано. Целта е јасна, шампионска титула и освојување на националниот куп доколку се одржи. Но, улогата сега ми е многу поразлична од минатите години кога настапував за Бадел. Во целиот овој процес сега, би сакала со моето искуство кое го стекнав овие години да го пренесам колку знам и умеам и да им помогнам на младите кошаркарки од овој клуб. Сѐ со цел, да ги охрабрам и да докажам дека без разлика од каде сме, тие можат да успеат и да постигнат нешто што до сега ниедна кошаркарка од нашата држава не успеала“– вели Нена за клупскиот сајт на ЖКК Бадел 1862.
„Мое лично мислење е дека мора да се подигне играчкиот квалитет на натпреварувањето, пред сѐ, а тоа може исклучиво да се постигне со обезбедување на максимално професионални услови за тренинг и натпревари за кошаркарките. Потоа, подобар маркетинг и медиумска покриеност. Тоа се детали кои лесно можат да се направат, само со желба и ангажираност од клубовите, како индивидуално, така и лигата како заедништво. Нормално, сѐ тоа за доброто на сите кои се дел од женската кошарка во Македонија“– дополнува второто големо засилување за „баделки“ за оваа завршна фаза од шампионатот.