
Првопласираната тенисерка на ВТА ранг-листата, Ешли Барти, стана првата Австралијка што избори финале на Австралијан Опен после 42 години.
Последна домашна финалистка на првиот грен-слем во годината беше Венди Тарнбул во 1980, која загуби со 2-0 од Хана Мандликова.
Во првото денешно полуфинале, Барти ја порази Медисон Кис со убедливи 2-0 (6-1, 6-3) после само 64 минути игра.
Австралијанката направи три брејкови во првиот и еден во вториот сет за да стигне до конечниот резултат, притоа задржувајќи го стопроцентниот учинок на свој сервис.
Од друга страна, Кис дојде до полуфиналето за вторпат во кариерата, односно за првпат после 2015, кога повторно доживеа пораз во истата фаза од Серена Вилијамс.
Во големото финале, Барти ќе ги одмери силите со победничката од дуелот помеѓу Ига Швјонтек и Даниел Роус Колинс.