
Во текот на изминатите две недели, Англија и Шри Ланка одиграа вкупно шест меѓусебни интернационални дуели.
Три од нив беа во Т20, а три во еднодневниот формат. Првите пет завршија со позитивен исход за Англичаните, додека шестиот дуел беше прекинат поради лошите временски услови.
После двете серии од три натпревари, Англичаните беа тестирани за КОВИД-19 и дури седум членови на репрезентацијата излегоа со позитивен тест, а останатите беа приморани на самоизолација.
За два дена, Англија ја очекуваат две идентични серии против Пакистан, а во пресрет на истите, беше пријавен нов состав, кој во себе не ги вклучува самоизолираните крикетари.
Имено, репрезентативците на Англија за еднодневната серија против азиските ривали ќе бидат:
Бен Стоукс (капитен), Џејк Бол, Дени Бригс, Брајдон Карс, Зек Кроули, Бен Дакет, Луис Грегори, Том Хелм, Вил Џекс, Ден Лоренс, Сакиб Махмуд, Давид Малан, Крег Овертон, Мет Паркинсон, Дејвид Пејн, Фил Солт, Џон Симпсон и Џејмс Винс.